Според пишувањата на „Handball Basse“, ерата на Филип Јиха во тимот на Кил би можела да заврши уште ова лето, иако неговиот договор важи до 2028 година.
Кил ја одигра најслабата сезона во последните 23 години и за првпат по 33 години нема да настапува на европската сцена. Резултатската криза трае веќе три сезони, а германскиот гигант полека го губи чекорот со најдобрите екипи во Европа и Бундес лигата.
Иако клубот е познат по тоа што ретко менува тренери и традиционално покажува голема доверба кон своите стратези, овојпат се чини дека седумгодишната соработка со легендарниот Чех би можела да заврши порано од планираното.
Ова не е првпат германските медиуми да најавуваат разделба меѓу Кил и Јиха. Слични информации се појавуваа и во минатото, но клубот секогаш остануваше доследен на своите принципи и му даваше поддршка на својот тренер.
Дали и овојпат ќе биде така или навистина ќе дојде до промена на клупата на еден од најтрофејните европски клубови, останува да се види во наредниот период.























