Фанови добредојдовте во Келн: Дојдете за натпреварите-останете за…

Воведот на 2024 година започнува со првото од двете големи спортски настани во Германија. Европското првенство во ракомет како увертира за фудбалското овој јануари ги наполни салите во шест градови во Германија.

Дека Германците имаат спортска култура и го сакаат ракометот покажаа многупати до сега, но ова првенство треба(ше) да ги постави стандардите за наредните големи настани во ракометниот свет, особено во делот кој нас новинарите најмногу не засега -известување, преноси, медиуми и логистика.
Сепак организаторите имаа поинакви математики, првиот голем спортски настан во Германија го видоа како добра бизнис зделка и убав начин за заработка. После грандиозниот Дизелдорф и повеќе од 50000 продадени билети, следуваше групната фаза во Берлин, Минхен и Манхајм, а потоа главната фаза во Келн и Хамбург. Со продадени околу 600 000 билети, тие апсолутно ги поставија стандардите за успешна организација на првенство, гледано од бизнис страната на спортот.  За сметка на големата заработка, домаќините мораа да жртвуваат нешто, а една од тие работи беше и почитта кон новинарите.

Завршницата е во Келн, поим за ракомет во последите 10 години, домаќин на најдобриот клупски ракомет повеќе од една деценија.

На ова првенство, бизнис ориентираните организатори од германската федерација акцент ставија на посетителите, нивната потрошувачка моќ и потреби. Затоа медиумите кои известуваат од местото на настанот, не ги добија сите услови кои се очекуваат од ваков спортски настан, па за нив ниту големата Ланксес арена не сјае како во Лигата на шампионите.

Да не се разбереме погрешно, домаќините ја накитија и средија Арената, сега Ланксес свети во боите на првенство и на нејзините ѕидови со помош на ласери се испишува тековниот натпревар, резултатот и слоганот „Спортска нација број 1“, како потсетување за величината на Германија во современиот спорт.

Во грубите пресметки, ако просечната цена на дневниот билет е околу 90 евра, Германците ќе заработат околу 50 милиони евра, само од продадени билети, бројка која реално е доволна за почит и поклон. Па жртвата која новинарите ја прават патувајќи 10 минути од медија центарот во подрумските простории на салата до трибините кои се одредени за нив, а се наоѓаат во популарнaтa “Nosebleed” секција од арената се чинат оправдани и пресметани…

Па кога веќе сè е насочено кон публиката во сала, еве колку ќе Ве чини еден ден во главната фаза на Европското првенство во ракомет.

Билети за главната фаза сè уште има, по цена од 100-200 евра во зависност од локацијата. Доколку тоа ви е многу можете да купите „на црно“ од малкутемина препродавачите пред двата влеза на салата за околу 60-200 евра во зависност од атрактивноста на местата за седење. Билетите важат за трите натпревари во денот, а очекувано најбројни се домашните германски фанови, кои уште од 14 часот започнуваат да ја полнат арената.
Првиот натпреварувачки ден во Келн започна со снег, а снегот ги изненади не само градските власти туку и сопствениците на уредените тезги во „дворот“ на Ланксес кои  отворија дури од вториот натпреварувачки кога Келн започна да ја расчистува снежната прекривка.

Минусните температури надвор бргу ќе ги замените со топлината и понудата која ја има во ходниците на Ланксес арена. На самото добредојде имате опција да се раскомотите и за само 3 евра да ги оставите зимските јакни во гардеробите кои се наоѓаат еден спрат под главниот влез (или еден спрат над медиа центарот).

За пиво ќе треба да издвоите околу 6 евра, за безалкохолен пијалок 5, а за вода 4.5 евра. Најефтин во понудата е перекот кој чини само 2 евра, додека пуканките се 4.5 евра.

За разлика од арената во Берлин која комплетно ги исфрли новчаниците како валута и единствена опција е електронско плаќање со картичка или телефон, продавачите во Ланксес Арена преферираат готовина и на повеќето тезги тоа е единствен начин на плаќање.

Доколку ви се отвори апетитот од грицките и пивото, арената нуди неколку штандови со комлетно мени како за ресторан за брза храна, цените почнуваат од 5 евра за сендвич со виршла, па до 12 евра. А целото мени со помфрит и сок би ве чинеле околу 20 евра.

За да биде комплетирано искуство на Европското првенство 2024 на излегување еден сувенир од турнирот ќе ве чини најмалку 5 евра за пин или алка со логото на ЕУРО2024 и 95 евра за оние најголемите ракометни фанови кои сакаат оригинална топка од првенството.

Цените на официјалните маиците од Европското првенство се 30 и 45 евра, за дуксер треба да издвоите 65 евра, а за дрес од домашниот тим 80 евра. Пет евра помалку се детските конфекции.

И додека задоволни излегувате од Арената со своите спомени и сувенири не заборавајте Келн повторно ќе биде престолнина на ракометот, се гледаме во јуни.