Познат составот на Франција за Македонија и ЕП – натурализираа среден бек од Аргентина!

Една од најсилните селекции на претстојното Европско првенство за кадети, Франција, ја заврши генералната проба пред шампионатот со две победи против Романија и со добра атмосфера ќе отпатува за Белград, каде што ќе биде еден од ривалите на Македонија во групната фаза.

Избраниците на селекторот Франк Пруф по двата порази од Шпанија успеаја да се вратат на победнички пат и двапати ја совладаа Романија. Во вториот натпревар Французите беа убедливи и славеа со 36-25, оставајќи одличен впечаток, особено во одбраната. Претходниот меч го добија со 33-29, а претходно двапати беа поразени од Шпанија со 33-30 и 31-30.

„Романија ни пружи многу посилен отпор отколку што очекувавме, а тоа е добро за нас. Во вториот натпревар одигравме многу подобро, но сè уште имаме сегменти што треба да ги подобриме“, изјави селекторот Пруф.

Францускиот стратег смета дека неговиот тим мора дополнително да работи на меѓусебната кохезија и реакцијата во тешките моменти.

„Имаме играчи кои се лидери во своите клубови, но сега треба да покажат дека можат да бидат лидери и кога работите нема да одат според планот. Не е доволно да бидеш семејство само кога победуваш“, истакна Пруф.

Дополнителна причина за задоволство во францускиот табор е приклучувањето на Фелипе Гарсија, кој во последен момент ги заврши административните процедури и доби француски пасош. Плејмејкерот ќе биде на располагање за Европското првенство и ќе донесе дополнителен квалитет во организацијата на играта. Фелипе е син на аргентинскиот голман Фернандо Гарсија.

Франција ќе отпатува во Белград на 27 јули, а селекторот верува дека неговиот состав има квалитет да се бори за место меѓу четирите најдобри селекции на Европа.

Французите ќе бидат еден од противниците на Македонија во групата А, во која се уште и Словенија и Шведска. Нашите кадети против Франција ќе го одиграат вториот натпревар на шампионатот на 30 јули од 12:00 часот.