Украинскиот шампион Мотор Запорожје го засили својот стручен штаб со уште едно добро познато име. Во клубот се враќа легендарниот голман Генадиј Комок, кој во иднина ќе биде дел од тимот на главниот тренер Јуриј Кубатко.
За Комок ова претставува посебно враќање во клубот каде што ги мина најдобрите години од својата играчка кариера. Долги години беше чувар на мрежата на Мотор и важеше за еден од најуспешните украински голмани, освојувајќи бројни трофеи и оставајќи длабока трага во историјата на клубот.
По заминувањето од Мотор, Комок ја продолжи кариерата во романскиот шампионат, а сега повторно ќе биде дел од украинскиот гигант, но во нова улога – како член на стручниот штаб.
Во Мотор веруваат дека неговото богато искуство, професионализам и победнички менталитет ќе бидат од голема корист за развојот на голманите и на целиот тим во претстојната сезона.

























