Еурофарм Пелистер со минимална негатива на полувреме против Фредериција

Ракометарите на Еурофарм Пелистер губат со 12:9 на полувремето од дуелот против Фредериција од 7. коло од Лигата на шампионите.

Македонскиот шампион го отвори натпреварот во Оденсе со голот на Петар Атанасијевиќ, а домашниот тим, откако не погоди на двапати по ред, првиот гол го постигна преку екс пелистерецот Табоада, кој израмни на 1:1 во 5 минута.

Битолчани во периодот од првата, па се до осмата минута беа без гол, а кризата во битолскиот тим ја прекина кружниот напаѓач Жарко Пешевски, кој намали на 3:2. Кон средината на првиот дел Еурофарм Пелистер се врати во игра, откако имаше негатива од 4:2, Пешевски и Тајник реализираа за 4:4.

До 15 минута, голманот на Еурофарм Пелистер, Никола Митревски, имаше шест интервенции, додека домашниот голман Фриес Торстен само две. По нерешените 5:5, домашниот тим врза три гола и во 20 минута се одлепи на плус три, 8:5. Ниту Фредериција не играше на ниво, па така македонскиот шампион возврати со иста мера, израмни на 8:8.

Данскиот тим до крајот до полувремето не дозволи Еурофарм Пелистер да направи пресврт, ја подобри играта во одбраната и на пауза замина со минимална предност од 12:9.