Еден од најдобрите полски клубови би можел да згасне

Иако на ракометната мапа во Полска доминираат Келце и Висла Плоцк, има неколку тимови кои традиционално остваруваат солидни резултати на домашна сцена.

Еден од нив е тимот на Азоти Пулави, кој би можел да доживеа финансиски колапс, доколку во најскоро време не пронајде голем спонзор.

Имено, главниот спонзор на тимот, групацијата Азоти, го прекинала спонзорството, кое траеше повеќе од 20 години, па така челниците на клубот активно започнаа потрага по нови спонзори.

Азоти Пулави шест пати го освојуваше третото место во полскиот шампионат и во повеќе наврати беше еден од клубовите со најголем буџет во Полска.

Во овој клуб моментално настапуваат двајца играчи кои што играле во македонската лига, тоа се екс голманот на Прилеп и Охрид, Зураб Цинцадзе и поранешниот пелистерец Владислав Острушко.

Своевремено, дресот на Азоти Пулави го носеше искусниот Даниел Дупјачанец, кој во полскиот суперлигаш мина една сезона.