Драма за паметење: Унгарија е нов шампион на Европа по епско финале!

Младинската репрезентација на Унгарија ја освои титулата на Европското првенство, откако во спектакуларното финале во Клуж ја совлада Шведска со 34:32, по две продолженија (30:30 по регуларниот дел).

Унгарците на најдобар можен начин му се реваншираа на истиот ривал за убедливиот пораз од 40:24 во главната рунда на шампионатот и стигнаа до првата европска титула во оваа возрасна категорија.

Ова е и прв медал за Унгарија на младинските европски првенства по пауза од 32 години. Единствениот претходен успех беше бронзениот медал освоен во 1998 година.

Шведска подобро го отвори финалето и во првите десет минути создаде предност од три гола, но Унгарците брзо се вратија во игра и до крајот на првото полувреме не дозволија противникот да се одлепи. На паузата скандинавската селекција имаше минимална предност од 16:15.

Во вториот дел се водеше вистинска битка за секоја топка. На помалку од три минути до крајот Шведска поведе со 28:26, но Унгарија не се предаде. Мате Фазекаш израмни на 30:30 триесет секунди пред крајот, а Швеѓаните не успеаја да ја искористат последната акција, па победникот се решаваше во продолженијата.

Во дополнителните десет минути блесна голманот Адам Балог, кој запиша неколку клучни одбрани, додека Петер Гажо беше нерешлива енигма за шведската одбрана. Со конечните 34:32, Унгарија стигна до историската титула.

Гажо беше убедливо најдобар стрелец на финалето со 14 гола, додека кај Шведска се истакна Монс Фредриксон со девет погодоци.

Со овој триумф Унгарија испиша нова страница во својата ракометна историја, а Шведска, која до финалето немаше ниту еден пораз, по третпат остана со сребрен медал на Европските првенства за ракометари до 20 години.

Словенија ја освои бронзата, четврта во историјата, откако славеше во мечот за третото место против Данска со 30:28.