Драма во Богданци – Бисинов го преживеа пеколот и остана лидер

Тимот на Бисинов славеше во прволигашкото дерби во Богданци кај Младост со 31-30 и остана на лидерската позиција во плеј-офот. Велешкиот тим сега има 21 бод и само чудо може да го спречи да се пласира во елитната конкуренција, додека Младост остана втор со 15, а Радовиш е трет со 14 бодови.

По нерешените 5-5, велешани почнаа да се одлепуваат резултатски, водеа и со четири гола, но на пауза заминаа со плус два, 14-12. Во вториот дел беше слично, Младост израмни на 15-15, но потоа влезе во криза и Бисинов со нова серија имаше навидум безбедни четири гола предност, 20-16.

Како одминуваше времето, така домашните во преполната сала „Млаз“ полека се враќаа во ритам, израмнија на 28-28 на пет минути до крајот. Илиев и Стојменов казнија две домашни грешки за 30-28, но Младост одново израмни преку Атанасов и Чрчев на 30-30 за уште поголеми возбудувања.

Бисинов во последниот напад успеа да реализира преку Димитров за 31-30 и останаа десетина секунди за домашните. Трето исклучување и црвен картон доби Сиљанов од гостинскиот тим на две секунди до крај и за Младост остана слободен удар.

Гостите блокираа, домашните тврдеа дека тие бранеле во просторот од шест метри, но судиите останаа на одлуката дека ударот беше блокиран и мечот заврши со победа на Бисинов. Настана мешаница на теренот по крајот, во која беше вклучена и дел од публиката, но набрзо се смирија страстите.

Илиев беше најдобар стрелец кај победникот со десет гола, а Димитров даде осум, додека кај Младост се истакнаа Николоски со девет и Чрчев со седум погодоци.