Тимот на Чаир и во оваа сезона ќе учествува на европска сцена, поточно во Европскиот Куп. Чаирчанки во втората рунда од третото по ранг европско клупско натпреварување за ривал го имаат Керженг од Луксембург.
Избраничките на Басри Љатифи првиот натпревар ќе го одиграат овој викенд, односно на 5 октомври во Луксембург, додека реванш дуелот на 13 октомври во Скопје.
Чаир минатата сезона беше елиминиран на стартот, но пред две сезони направи солиден успех, успеа да мине една рунда.
Диневска оваа сезона ќе ја има капитенската улога во клубот.
„Во мојата втора сезона во Чаир, со полно право можам да кажам дека постои целосна сплотеност со моите клупски колешки и моите тренери и тоа и се гледа и на спортските терени во стартот на оваа полусезона во домашниот шампионат. Имаме прекрасна атмосфера на самите тренинзи особено што стартот започна со укажаната чест од моите трнери да бидам капитен на овој тим од прекрасни девојки, со дел од нив сум о ракометот и од моите најмлади ракометни почетоци“, вели на стартот Диневска.
Ривалот Керженг е пречка што треба да се мине и да се обезбеди трето коло во Европскиот Куп.
„Со сериозен пристап од целиот тим на чело со управата и тренерската палка, течат подготовките за првиот натпревар со Керженг од Луксембург, во стартот на нашето учество во Европскиот Куп. Основното мото на нашите тренинзи е да се подготвуваме секогаш како за натпревар со подобар ривал од нашата екипа, а очекувањата да ни бидат позитивни резултати. Поаѓајки токму од тоа мото, не си дозволуваме да потцениме ниту една екипа, иако тимот Керженг од Луксембург, доаѓа од земја без ракометна традиција, особено што нашата цел секако е да дојдеме до пласман во наредната рунда на Европскиот куп, која за жал ја потфрливме во минатата година во натреварот со холандскиот тим Венло кој за нас беше преголем фаворит. Оваа година, во учеството во Европскиот куп, можам да изјавам во името на цел клуб Чаир, дека се надеваме и да оствариме историски успех во европскиот ракомет, со особена верба во моите колешки, на највисоко ниво мотивирани и екипирани од тренерскиот тим. Иако оваа година нашиот ростер на играчи е двојно намален од ланската, сепак со професионалниот, искусен и боречки дух на овој состав на клубот Чаир, може да ветиме една убава ракометна игра за која секако ќе ни треба и поддршка од публика и љубителите на ракометот“, заврши Диневска.
Првиот меч меѓу Керженг и Чаир ќе се игра во Луксембург, утре од 18:00 часот, додека реваншот е на 13 октомври од 19:00 часот во Автокоманда.