ДЕНЕСКА НА ТЕРЕНИТЕ: Македонија во Прешов го прави првиот чекор кон Мундијал

Maшката репрезентација на Македонија денеска ја очекува првата битка од двете против селекцијата на Словачка за пласман на Мундијалот во Германија наредната година.

Словаците во вториот бараж ја елиминираа Украина и покажаа дека не смеат да бидат потценети, но Македонија ја има фаворитската улога во овој двомеч. За разлика од Македонија, која ќе брка осмо СП по ред, или вкупно десетто, Словачка нема играно на Мундијал цели 16 години.

Кирил Лазаров смета на 20 играчи за оваа акција, а кои 16 ќе истрчаат на теренот во „Татран Арена“ во Прешов останува да видиме. Словаците го избраа далечниот Прешов со интенција да привлечат повеќе домашни фанови, а за македонските навивачи да биде логистички тешко да стигнат, но сигурно дека ќе имаат поддршка нашите момци вечерва во овој словачки град.

Домашниот селектор Фернандо Гурих во најавите пред мечот потенцираше дека неговите избраници имаат шанси за позитивен резултат, барем на мечот во Прешов, но ќе видиме колку ќе можат Сметанка, Жернович, Фенар, Кравчак, Урбан…против македонските ракометари.

Натпреварот меѓу Словачка и Македонија се игра со почеток од 19:00 часот, а денеска внимание ќе привлечат и пресметките меѓу Црна Гора и Словенија, односно Србија и Унгарија во Подгорица и Ниш. Босна и Херцеговина ги пречекува Фарски Острови, додека Шпанија и Израел ќе играат два меча на неутрален терен во Буенос Аирес во Аргентина.

На домашната сцена ќе се одигра еден натпревар од Првата лига меѓу Младост Богданци и Преспа, на кој тимот од Богданци мора да слави за да остане во трка за Супер лигата, а потоа да го чека мечот меѓу „витамините“ од Автокоманда и Драчево Јуниор.

ДЕНЕСКА НА ТЕРЕНИТЕ: 

18:00 СРБИЈА – УНГАРИЈА (КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП)
18:00 ЦРНА ГОРА – СЛОВЕНИЈА (КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП)
19:00 СЛОВАЧКА – МАКЕДОНИЈА (КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП)
20:00 БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА (КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП)
00:00 ШПАНИЈА – ИЗРАЕЛ (КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП)
19:30 МЛАДОСТ БОГДАНЦИ – ПРЕСПА (МАКЕДОНИЈА)