Данскиот судија Јеспер Мадсен, кој сигурно не е меѓу омилените во Македонија по случувањата на дуелот од СП против Холандија, ги остава зад себе двете непријатни епизоди од февруари и март кога се онесвестуваше на теренот додека судеше натпревари.
Тој колабираше во два наврати, а по многуте прегледи сега е утврдена причината поради која се случуваше тоа – „ушни камења“. Станува збор за честички од калциумови кристали (отолити), кои се движат во внатрешноста на ушниот канал предизвикувајќи вртоглавица и губење на рамнотежа.
„Камењата во ушите се крајно непријатни, но не се опасни. Дознав за тоа релативно брзо. Направив неколку тестови, а потоа ги објаснив симптомите што ги доживеав. Дополнително, го проверив срцето и ми направија снимки и на срцето, на вратот и на главата и на секој можен начин ме прегледаа дали има нешто подлабоко, а за среќа не најдоа ништо. Значи, јас сум здрав“, изјави Мадсен за ТВ2.
Мадсен тврди дека во ниту еден момент не помислил да се откаже од судењето. Тој веќе се врати на терените и заедно со колегата Хансен веќе отсудија два меча во Данска.