По португалскиот среден бен Вилсон Давајес, уште еден интернационалец си замина од Битола.
Данскиот кружен напаѓач Андреас Нилсен не е повеќе член на шампионот Еурофарм Пелистер.
Договорот со Нилсен беше спогодбено раскинат по само една полусезона и тој се враќа во татковината.
„РК Еурофарм Пелистер ја известува јавноста дека спогодбено го раскина договорот со данскиот интернационалец Андреас Јохан Нилсен. Кружниот напаѓач ова лето пристигна во Битола и ја одработи полусезоната со македонскиот шампион. 26-годишниот Нилсен настапи во „зелено-белиот“ дрес во Суперлигата, Купот и Суперкупот на Македонија и Лигата на шампионите и покажа професионален пристап и ангажман. Сепак, заради професионален предизвик и враќање во татковината, Нилсен пред истекот на договорот се разделува со нашиот клуб. РК Еурофарм Пелистер му се заблагодарува за периодот минат во нашиот клуб, нашиот град и нашата земја. Искрено му посакуваме успех во следниот предизвик и нашиот клуб секогаш ќе биде отворен за соработка за професионалци како Андреас Нилсен“, се вели во објавата на македонскиот првак.
Тренерот Бранко Ангеловски во продолжение на сезоната ќе смета на Жарко Пешевски и Денис Василев на пивотменската позицијата.