Дамите по пауза од 12 години изборија пласман на големо натпреварување

Женската сениорска репрезентација на Македонија со победата над Азербејџан од 37:22 го завери пласманот на Европското првенство 2024, кое ќе се одржува во Швајцарија, Унгарија и Австрија.

За Македонија денешната победа беше трета во квалификацискиот циклус и без разлика на исходот во недела со Литванија, нашата репрезентација ќе биде еден од учесниците на континенталниот собир.

Македонија по пауза од дури 12 години преку квалификации успеа да избори пласман на едно големо натпреварување. Сениорките учествуваа на Европското првенство пред две години, но бидејќи Македонија беше еден од домаќините со Словенија и Црна Гора, не мораше да игра квалификациски натпревари.

Нашата репрезентација последен пат, преку квалификации, се пласира на Европското првенство 2012 во Србија. Тогаш „црвено-жолтите“ во квалификациската група беа со репрезентациите на Франција, Турција и Литванија.

Европското првенство 2024 ќе се одржи во периодот од 28 ноември до 15 декември, а домаќини на најдобрите европски репрезентации ќе бидат градовите Базел (Швајцарија), Виена и Инзбрук (Австрија) и Дебрецен (Унгарија).

Македонија се пласира на ЕП!