Цветаноски: Веруваме во нашиот квалитет, целта е Прилеп да опстане во Супер лигата

Ракометарите на Прилеп утре на домашен терен ја започнуваат борбата за опстанок во суперлигашката конкуренција.

Прв ривал на избраниците на Божидар Мојсов е тимот на Скопје, кој од клупата е предводен од прилепчанецот Оливер Димитриоски.

Еден од најдобрите стрелци во Прилеп, левиот бек Никола Цветаноски, вели дека неговиот тим е целосно подготвен за најважниот предизвик.

,,Подготвени го очекуваме почетокот на разигрувањето за опстанок во Супер лигата, најважно е што сме мотивирани и на дуелот со Скопје ќе дадеме сѐ од себе за победнички да го стартуваме вториот дел од сезоната. Веруваме во нашиот квалитет, не очекуваат многу тешки натпревари, целта и нашата главна задача е Прилеп и вгодина да игра во Супер лигата”, изјави Цветаноски.

Стружанецот ги истакна своите очекувања за дуелот со тимот на Скопје.

,,Скопје е квалитетен ривал, ни претстои тежок натпревар, секогаш на почетокот е најтешко, но мотивот е голем, со квалитетна игра и борбеност се надевам на победа. Утрешниот ривал е целосно анализиран, ќе треба само да се искористат слабите страни и со добра одбрана да го заштитиме нашиот гол”, додаде Цветаноски.

Левиот бек се надева на голема поддршка од трибините, но и на подобро издание од првиот дел од сезоната.

,,Се знае дека Прилеп има верна публика и коректна во победа и пораз, тоа е реткост во останатите екипи. Ги повикувам сите љубители на ракометот да дојдат в сабота во што поголем број и заедно да се радуваме на првата победа. Полусезоната што помина треба да е зад нас, можевме многу повеќе, но се надевам на одличен втор дел. Сега сме доста време заедно, новите играчи се вклопија добро и секако дека сме многу поквалитетни”, заврши Цветаноски.

Натпреварот меѓу Прилеп и Скопје ќе се одигра в сабота (10 февруари) со почеток од 18:30 часот во спортската сала при СОУ “Ристе Ристески-Ричко”. Влезот за сите љубители е слободен.

ПозЕкипаНПРЛБ
1ПРИЛЕП861121
2ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 2860221
3МРК КУМАНОВО861120
4ВАРДАР НЕГОТИНО850315
5МУЛТИЕСЕНС841314
6ГОЛДЕН АРТ821510
7СКОПЈЕ 202092076
8АЕРОДРОМ90092