Ракометарките на Ѓорче Петров во недела ќе го пречекаат Елче во реванш дуелот од четвртфиналето во Европскиот Куп.
Македонскиот шампион на првиот дуел, кој беше одигран минатиот викенд во Шпанија, беше поразен со 36:21.
Ѓорчепетровки на реваншот ќе посакуваат да се покажат во подобро светло пред својата публика и со евентуална победа да го завршат годинешниот настап на европска сцена.
Голманката Матеа Чурлиновска очекува подобра игра на реванш дуелот, како и голема поддршка од трибините.
,,На реванш дуелот очекуваме да се покажеме во подобро светло и да покажеме свежина во нашата игра. Очекувам секоја од нас да биде максимално посветена и покаже борба, со што би оствариле добар резултат. Играњето пред домашна публика е дефинитивно мотивација за нас. Домашниот терен ни дава дополнителна енергија и самодоверба, што ќе ни помогни да ги покажеме нашите квалитети. Порака за нашите навивачи и љубители на ракометот е дека нивната поддршка ќе ни биде од големо значење и ветер во грб додека се бориме на теренот, се надевам на голема поддршка од трибините”, изјави Чурлиновска.
Младата голманка верува дека нејзиниот тим може да оствари позитивен резултат во реванш дуелот.
,,Поразот на претходниот меч имаше неколку причини. Недостаток на концентрација во клучните моменти, недоволно искуство во натпревари на европско ниво и техничките грешки го придонесоа своето. Ги анализиравме нашите грешки и работиме на тоа да ги поправиме. Верувам дека можеме и имаме потенцијал да ја завршиме сезоната во Европа со позитивен резултат. Целите во Европа за оваа сезона се остварени, затоа што обезбедивме повисок пласман од минатата сезона, а со добар настап на реваншот можеме да си го заслужиме местото на европска сцена за наредната сезона. Ние сме една млада екипа, која се стреми кон големи успеси во иднина”, заврши Чурлиновска.
Натпреварот меѓу Ѓорче Петров и Елче ќе се одигра на 17 март со почеток од 19:00 часот во спортската сала „Автокоманда“. Влезот за сите љубители е слободен.