Актуелниот бранител на титулата, тимот на Ѓорче Петров, првиот дел од сезоната го заврши со максимални 13 победи.
Ѓорчепетровки во последното есенско коло пред својата публика триумфираа над незгодниот Вардар со 31:27.
Една од најзаслужните за освоената победа беше голманката Матеа Чурлиновска, која ги сподели првите импресии по добиената битка против „црвено-црниот“ тим.
,,Пред сѐ сме многу среќни за успехот во првиот дел од сезоната. Нашата цел ја остваривме, завршивме без пораз. Иако имавме падови во текот на целиот натпревар, сметам дека пресудна беше нашата одбрана со која успеавме да украдеме неколку топки во клучните моменти. Вардар играат константна игра и освен што ние самите направивме повеќе технички грешки, тие со ништо не нѐ изненадија. Се надеваме на позитивен успех и во вториот дел од сезоната. Задоволна сум од тренажниот процес, од стручниот штаб, од техничката страна и од целиот клуб за медицинската поддршка. Горда сум на сите девојки, го даваат максимумот на сите натпревари, имаме одлична атмосфера и за нас ова не е само тим туку и една голема фамилија”. изјави Чурлиновска.
За Ѓорче Петров претстои мала пауза, бидејќи во јануари го очекуваат два европски натпревари.
Избраничките на Симе Симовски во осминафиналето од Европскиот Куп ќе играат против Хазена Кинжварт од Чешка.
„Лавиците“ од Ѓорче Петров ја завршија сезоната со максимални 13 победи