Ракометар на Еурофарм Пелистер со репрезентативен повик за БиХ

Новиот селектор на машката сениорска репрезентација на БиХ, Дамир Доборац, го објави поширокиот список на ракометари пред бараж средбите со Португалија за пласман на Светското првенство 2025.

На првиот список кај Доборац се најде членот на Еурофарм Пелистер, десниот бек Павле Петровиќ, кој во неколку наврати имаше одлични партии за битолскиот тим во Лигата на шампионите.

За младиот член на македонскиот шампион ова е прв сениорски повик од неговата татковина. Меѓу повиканите ракометари има и двајца екс членови на Еурофарм Пелистер.

Станува збор за средниот бек Јосиќ Периќ (Татабања) и кружниот напаѓач Елмир Граџан (Горажде), двајцата ракометари зад себе имаат големо искуство и најверојатно би се нашле на скратениот, односно финалниот список за дуелите против Португалија.

Првиот натпревар меѓу БиХ и Португалија ќе се одигра на 9 мај во португалскиот град Гуимараес, додека реванш средбата е закажана за 12 мај во Тузла.