Четворица „Македонци“ на Африканското и Азиското првенство

Четворица ракометари што се дел од македонските клубови ќе настапат овој јануари на Африканското и на Азиското првенство.

Голманот на Еурофарм Пелистер, Калифа Гедбан, ќе ги брани боите на Алжир, кој е во група со Мароко, Габон и Либија, додека десниот бек на Тиквеш, Ани Обина, ќе настапи за Нигерија и ќе биде дел од група со Кенија, Тунис и Ангола.

Најдобрите пет селекции од Африканскиот шампионат што ќе се игра во Египет од 17 до 27 јануари, ќе обезбедат место на Светското првенство 2025 во Данска, Норвешка и Хрватска.

Средниот бек на Вардар, Косуке Јасухира, ќе настапи за селекцијата на Јапонија, која е во група со Индија, Ирак и Саудиска Арабија, а средниот бек на Охрид, Хироки Мацуока исто така доби повик за репрезентативен настап.

Најдобрите четири репрезентации од Азискиот шампионат што ќе се игра од Бахреин од 11 до 25 јануари, ќе се пласираат на Мундијалот следната година во Данска, Норвешка и Хрватска.