Бутел скапо ја „продаде кожата“ во Автокоманда

Ракометарите на Бутел Скопје пружија голем отпор на гостувањето во Автокоманда и тимот на Кирил Лазаров не можеше да биде мирен до последните минути од мечот, иако славеше со 33-30.

Гостите предводени од голманот Бојан Блажески со 14 одбрани и десниот бек Филип Николов со 11 погодоци, беа тврд орев за домашниот тим.

Иако се „чуваа“ домаќините се реваншот со Рунар, сепак долго време во игра мораа да минат Серафимов, Петковски, Џонов, Кизиќ, Велковски, Бинго, Стојковиќ…но и со најсилен ростер тимот од Автокоманда мораше добро да се испоти.

По првиот дел беше 16-13, во второто полувреме домаќините се одлепија на плус четири, но Бутел Скопје покажа каракатер и се врати во егал. Во финишот гостите пропуштија две шанси за минус еден и реми, за да го направат уште поинтересен, но бодовите останаа дома.

Најдобри стрелци кај домашните беа Серафимов со 11, како и Џонов, Бинго и Петковски со по четири гола, додека покрај Николов, кај Бутел се истакна Тодески со пет гола.