„Секој од нас од стручниот шатб, управата и играчите, сите посакуваме плеј-оф. Тоа би било одлично за нас, за остварување на нашите цели, и со тоа би направил континуитет, она што Бутел со години го прави, смета Горан Кузманоски, тренерот на Бутел
За екипата на Бутел, првите две кола од продолжението на првенството се особено важни бидејќи во дирeктен дуел со Прилеп, а потоа и со Тиквеш ќе се знае дали скопјани остануваат на патот што им носи плеј-оф. Утре Бутел гостува во Прилеп (18,30 ч), а двата тима се дел од четворка што се надева и ќе биде во трка за две слободни места што водат во плеј-офот.
Тренерот на Бутел, Горан Кузманоски се враќа во родниот град каде ја почна играчката кариера каде беше и тренер, но сега како тренер на скопскиот тим. Во подготвителниот период Бутел одигра неколку контроли, настапи на турнир во БиХ и го освои трофеjoт, темпирајќи ја формата токму за овие следни шест натпревари.
„Задоволен сум од подготовките. Некои работи што требаше да ги видам ми станаа појасни. Добро е што игравме со екипи од различни места од различни држави. Имавме и некои повреди, па и болест на некои ракометари, но, сметам дека сме подготвени да влеземе во продолжението на првенството, вели Кузманоски.
Бутел е моментно петтопласиран на табелата со 16 бода, исто колку и Тиквеш, а имаат два бода повеќе во однос на Пролет и на Прилеп. Во зимскиот период екипите, особено оние што знаат дека ќе треба да се борат за опстанок се засилија. Бутел реши да го задржи ростерот со кој досега настапуваше.
„Секој тренер посакува да има поголем ростер. Сметам дека оваа екипа на Бутел и целта што ја бара клубот, и амбициите што го има да се биде грото македонски играчи и помлади, заедно со 2-3 искусни ракометари, сега немаше потреба од засилувања. Најважно е да бидеме здрави во овој период, бидејќи најважно е да одржиме позитивна енергија и да имаме добра хемија во тимот, отколку да донесеме играчи, а да не се прифати тоа што го имавме, смета Кузманоски.
Дуелот со Прилеп е важен, бидејќи е директен кој може и веројатно ќе решава за место во плеј-офот.
„Тоа е една квалитетна екипа, создадена од искусни играчи. Имаат квалитет за плеј-оф, и ќе имаме тешко гостување. Ние, одиме меч по меч. Имаме уште 6 меча до завршување на првиот дел од првенството. Со еден добар меч во Прилеп и оние што следат ќе го завршиме регуларниот дел како сме зацртале, вели Кузманоски.
Плеј-офот е посакуван, бидејќи носи шанса да се бориш за титулата, но и да имаш помирна завршница на првенството, бидејќи влегуваш во Топ-6. Во моментов има две слободни места за плеј-оф фазата, а конкурираат четири екипи.
„Секој од нас од стручниот штаб, управата и играчите, сите посакуваме плеј-оф. Тоа би било одлично за нас, за остварување на нашите цели, и со тоа би направил континуитет, она што Бутел со години го прави. Треба да бидеме реални дека сезонава има голема конкуренција за плеј-офот, и сите што се бориме сме со квалитетот тука некаде, смета Кузманоски.
Покрај утрешното гостување во Прилеп, за Бутел до крајот на регуларниот дел од сезоната остануваат и дуелите со Тиквеш (дома), Струга (гости), Борец ФЛ (дома), Еурофарм Пелистер (гости) и Пролет (дома).