Од денес до недела ќе се одиграат натпреварите по групи во Купот на Македонија и ќе бидат познати патниците на завршниот турнир.
Ракометарите на Струга овој викенд ги очекуваат обврски во Купот на Македонија, каде што ќе се обидат да изборат учество на Ф4 турнирот.
Стружани во полуфиналето од втората група за ривал го имаат Бутел Скопје и доколку победат ќе играат финале со подобриот од дуелот меѓу Алкалоид и Вардар Неготино.
Избраниците на Наум Танески добро го познаваат составот на Бутел Скопје, пред две недели го имаа првиот меѓусебен сезонски дуел со скопскиот тим, додека во минатата сезона на двапати се сретнаа во регуларниот дел.
Најдобриот стрелец на Струга, Мерис Бошњак, фаворитската улога им ја препушти на бутелци.
,,Во сабота нѐ очекува натпреварот со Бутел Скопје, тие секако важат за фаворити, но мислам дека и ние имаме што да покажеме, некои наши избрзани грешки и шутеви нѐ чинеа пораз од нив пред две недели, но видовме дека може да се надигруваме, бевме рамноправни до 50-та минута”, изјави Бошњак.
Одлучувачки на утрешниот дуел според десниот бек ќе биде играта во одбрана.
,,Во суштина одбраната е секогаш таа што ја прави разликата. Ние на првиот дуел потфрливме во дефанзива, мислам дека ги „почувствувавме“ и знаеме што можеме да очекуваме од нив, подготвени сме за дуелот”, додаде Бошњак.
Црногорскиот интернационалец важи за еден од најдобрите млади ракометари во Супер лигата, а неколку пати беше избран за МВП на колото.
,,Ваквите работи се дополнителен мотор и мотив за понатамошна работа, повторно велам, јас сум само еден меѓу еднаквите во нашиот тим, на секој тренинг и натпревар се трудам да дадам 100% од себе за тимот. Секако, ваквите работи се дополнителен поттик и навистина би сакал да му се заблагодарам на тимот, бидејќи без нив овие работи не би биле возможни”, заврши Бошњак.
Натпреварот меѓу Струга и Бутел Скопје ќе се одигра утре со почеток од 14:30 часот во спортската сала „Автокоманда“.