Ракометарот на Струга, Мерис Бошњак, го доби признанието за најкорисен играч, односно МВП на 14. коло од Супер лигата.
За членот на Струга ова е второ МВП признание во оваа сезона, беше најкорисен играч и на 4. коло во суперлигашката конкуренција.
Десниот бек е еден од најдобрите стрелци во есенскиот дел од сезоната и на 14 одиграни натпревари постигна 81 гол.
Црногорскиот интернационалец вели дека МВП признанијата му се дополнителна мотивација во својата кариера.
„Секако дека овие признанија ми се дополнителна мотивација, на ова гледам како на знак дека сум на вистинскиот пат и дека работам квалитетно. Би сакал да им се заблагодарам на моите соиграчи, бидејќи без нив овие признанија не би биле возможни, како и пласманот во плеј-офот, тоа е нешто што ме радува уште повеќе, мислам дека направивме одлична работа, од првиот до последниот ден од полусезоната бевме на ниво и покажавме дека сме тврд орев за сите тимови. Сега ни претстои мала пауза, потоа следува подготвителен период и долгоочекуваниот настап во плеј-оф фазата. Мислам дека имаме уште многу да покажеме во оваа сезона”, изјави Бошњак.
Струга во плеј-офот ќе игра заедно со Вардар, Еурофарм Пелистер, Тиквеш, Алкалоид, Пролет, Бутел Скопје и Охрид.