Борозан: На мечот во Скопје да биде како некогаш – со преполна сала и многу публика!

Покрај голманот Еспиња и бекот Дмитро Горига, еден од творците на победата на Вардар во Битола беше и Вуко Борозан.

Тој вели дека целта на Вардар за оваа сезона е да ја врати титулата во Скопје, по пауза од три сезони.

„Долго време се подготвувавме за овој натпревар, знаевме дека овој „брејк“ може да биде клучен, ако загубевме тешко дека ќе можеме до титула. Нашата цел е јасна – титула. Конкурентни сме, се бориме, сакаме да ја вратиме титулата, а тоа го покажавме во текот на целиот меч. Беше многу тешко и би сакал да им се заблагодарам на сите соиграчи и тренерот, како и на домашните за коректната игра, но и на моето семејство за подршката што ми ја дава, сопругата и децата. Не е лесно да се биде во сето ова“, вели Борозан.

Црногорецот смета дека во „Јане Сандански“ нема да има празно столче на последниот натпревар.

„На реваншот во Скопје во последното коло се надевам дека ќе има полна сала, но публика и надвор од неа, како во старите добри времиња“, вели Борозан.

Двете екипи имаат тешки гостувања во Автокоманда, но јасно е дека титулата ќе се решава во Скопје на 7/8 јуни.