Новиот суперлигаш во продолжението на првенството и во борбата за опстанок ќе има нов тренер на клупата, трет сезонава, кој ќе мора да извади волшебно стапче за да се обзбеди опстанок во елитата. Кратко траеше авантурата на сегашниот кормилар.
Владимир Глигоров не е повеќе тренер на велешкиот Борец ФЛ, дознава 24Ракомет. По ремито со Прилеп, 38-38, откако беше пропуштено водство од десет гола разлика, а на крајот велешани можеа и да загубат, двете страни се разделија. Тој не се појавил ниту на вечерашниот тренинг кога ракометарите имале состанок со управата.
Глигоров дојде на клупата на Борец ФЛ пред пет месеци на местото на Ивица Илиев, кој ја извршуваше функцијата играч-тренер од стартот на сезоната, кога новиот суперлигаш остана без Никола Бисинов, кој пак го водеше клубот во прволигашката конкуренција и му обезбеди промоција во повисок ранг.
Многу турбуленции имаше во екипата која требаше да биде наследник на некогашниот шампион Борец, но се случуваа промени кој ја срушија добрата атмосфера од лани кога беше изборен пласманот меѓу најдобрите екипи.
Велешката публика отворено го покажа својот бес по крајот на натпреварот со Прилеп и негодуваше кон клупата на Борец ФЛ. Паднаа и пцовки, па и полицијата требаше да интервенира на трибините за да ги спречи вербалните напади.
Борец ФЛ водеше со десет гола разлика 33-23, на шест минути до крајот беше 37-28, но Глигоров реши да им даде шанса на помладите и оние со помала минутажа, а го извади ударното трио Гуедеш, Миланов и Цвитановиќ. Следуваа многу грешки, кои гостите знаеја како да ги казнат. На крајот гостите имаа шанса преку контра дури и да победат, но и со бодот беа задоволни.
Новиот тренер на велешани кој ќе ги води во битката за суперлигашки опстанок, ќе биде познат до крајот на оваа недела, и ќе дебитира во последното коло од регуларниот дел од Супер лигата, кога Борец ФЛ ќе му гостува на Тиквеш во Кавадарци.