Бисинов со трето засилување – доаѓа и Тоше Ончев!

Новиот суперлигаш Бисинов активно работи на составувањето на играчкиот ростер за следната натпреварувачка сезона, дебитантска во Супер лигата.

Велешкиот тим го договори и третото засилување, а тоа е левиот бек Тоше Ончев, кој доаѓа од Голден Арт, чии бои ги бранеше минатата сезона.

27-годишниот велешанец Ончев преку скопски Вардар, каде се задржа осум години, го направи своето деби како интернационалец, во францускиот Вернуj. Од Франција заминува во Грција, каде играше за Фаикас Корфу, за после една година да се врати во домашниот шампионат, каде настапуваше за Работнички.

Во сезоната 2021/22 заминува во Тримо од Требње, во Словенија, каде одигра одлична сезона, а потоа играше и за Охрид, пред да замине во Голден Арт. Сега се враќа во Велес, каде ќе го носи дресот на Бисинов, кој претходно врати уште двајца велешани во родниот град – крилата Зоран Стојановски и Мартин Димов.

Нови договори потпишаа голманите Никола Манев и Антонио Митревски, кои заедно со искусниот Славјан Паунов ќе го сочинуваат голманското трио.

Во Велес ќе остане и левиот бек Виктор Трифуноски, а од претходно договорите ги продолжија Филип Сиљанов, Илија Табаков, Никола Димитров и Александар Стојменов.