Тимот на Бисинов ја продолжи победничката серија во прволигашката конкуренција, откако славеше во Автокоманда против Металург РА со 33-24.
Предводник на велешани беше Ивица Илиев, кој одигра уште еден одличен натпревар и постигна 12 погодоци.
Металург РА парираше некое време во првото полувреме, но секогаш Бисинов ја имаше предноста од два до три гола, а до паузата стигна до плус пет, 16-11.
Велешани рутински го одработија второто полувреме во кое немаше големи возбудувања и резултатски промени.
Покрај Илиев, во тимот на Бисинов, по пет погодоци постигнаа Иванов, Сиљанов и Стојменов, додека Петровски беше стрелец на пет гола за Металург РА.
Бисинов е прв на табелата со 30 бодови, пред Радовиш кој е втор со 27, а овие две екипи ќе го играат вториот меѓусебен дуел на 16 декември во Велес.