Бисинов издржа едно полувреме во Битола, шампионот броеше до 45

Ракометарите на Еурофарм Пелистер во натпревар од 14. коло од Супер лигата беа убедливи против дебитантот Бисинов ФЛ со 45:31.

Првиот дел мина во изедначена игра, главно се играше гол за гол, а гостите од Велес во два наврати имаа плус три (4:1, 6:3), потоа водеа со еден до два гола разлика, додека актуелниот шампион предноста ја презеде кон средината на првиот дел.

До крајот на полувремето комбинираниот состав на Еурофарм Пелистер никако не можеше да дојде до поголема разлика од два гола, велешани секогаш намалуваа, или пак изедначуваа, па така по 30 минути игра резултатот беше 21:19 во корист за домашниот табор.

По опуштеноста во првиот дел, избраниците на Алонсо влегоа максимално посветени во вториот дел и во 40 минута кога дојдоа при предност од 28:21 веќе си ја обезбедија победата.

Најефикасен во победничката екипа беше Цветан Кузманоски со шест гола, додека кај гостите се истакнаа Ивица Илиев со осум и Тоше Ончев со шест гола.