Белорусија три пати ја победи Русија во пет дена!

Селекциите на Белорусија и Русија одиграа три пријателски натпревари во рамките на ЕХФ неделата.

Како ретко досега, Белорусите три пати прославија победа над големиот ривал, со кого спарингуваат многу во последно време поради актуелната суспензија на двете репрезентации од ЕХФ.

На првата средба, избраниците на Јуриј Шевцов победија со 32-28, а најдобар стрелец беше Каралек со шест гола кај победникот, додека кај Русите по четири гола постигнаа Иванов, Ермаков, Санталов и Киселев.

На вториот меч, Белорусите одново беа подобри со гол разлика, 27-26, додека на последната средба беше 25-22 за домаќините.

Овие две селекции го пропуштија СП 2023, таков ќе биде случајот со ЕП 2024 и СП 2025, додека има мали шанси да се вклучат во претквалификациите за ЕП 2026, бидејќи ЕХФ остави едно празно место.