Ангеловски: Најважно е како ние ќе делуваме на терен, верувам во поволен резултат против ПИК Сегед

Maкедонскиот првак Еурофарм Пелистер утре го игра осмиот натпревар во Лигата на шампионите, а ривал е унгарскиот ПИК Сегед.

Тренерот Бранко Ангеловски посакува да не се повтори истата приказна од Сегед и во Битола и кончено да се оствари првата победа во елитната конкуренција.

„Ни доаѓа противник против кој во претходниот натпревар минатата недела одигравме добро прво и катастрофално реализаторски лошо второ полувреме, кое дозволи ПИК Сегед да направи голема разлика и да нè деморализира. Таа работа не треба да ни се случи на натпреварот во Битола, добро ги познаваме, на овој натпревар ќе имаат поголема ротација и ќе играат некои ракометари кои не настапија во првиот натпревар Унгарија. Најважно е како ние ќе делуваме на терен, а најмногу ме разгрижува тоа што лесно се предадовме, иако имавме активен резултат до последните десет минути и потоа цел наш концепт се распадна. Се надевам дека тоа нема да се случи пред нашите симпатизери и верни навивачи, од кои имаме огромна поддршка, верувам во подобро издание и поповолен  резултат од тој во Сегед“, изјави Ангеловски.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и ПИК Сегед се игра утревечер во салата „Боро Чурлевски“ со почеток во 18:45 часот.