Андрејева, Пецаковски, Велковска…дел од новиот проект ЖРК Атлетик

Покрај Ина Суслина и Татјана Хмирова, уште многу познати имиња ќе бидат дел од новиот проект во македонскиот женски ракомет, ЖРК Атлетик.

Тука се Ана Стојков и Горан Стојков, за кои претходно објавивме, а ќе ги извршуваат функциите претседател и извршен директор. Покрај нив некогашните репрезентативци на Македонија, Тања Андрејева и Дејан Пецаковски, ќе бидат задолжени за работата со голмани (Андрејева) и физичката подготовка (Пецаковски).

Потпретседател ќе биде Дејан Блажески, Михаела Митреска ќе ја има функцијата оперативен менаџер, додека некогашната ракометарка Ивана Велковска ќе работи во стручниот штаб и ќе биде асистент на Хмирова. Во клубот ќе бидат уште и Марија Дурљанова (фитнес тренер), Нина Димковска (физиотерапевт) и Кирил Насков (спортски психолог).

„Би сакале да ве информираме дека формиравме женски ракометен клуб под името ЖРК Атлетик, кој има за цел да игра водечка улога во развојот на младите талентирани ракометарки во Македонија. Преку соодветни и правилни тренинзи, модерни методи и однапред дефинирана програма на функционирање, клубот се стреми да биде расадник на голем број идни репрезентативки на нашата држава. Со вклучување на млади и амбициозни поранешни репрезентативци, а сегашни ракометни работници, ќе создадеме здрава средина на вистински спортски вредности, без фаворизација, со еднаква можност за докажување на теренот и надвор од него“, се вели во соопштението од клубот.

Ана Стојков, која по работата во ЖРК Вардар и Вардар, се враќа во ракомет, истакна дека клубот ќе работи само со македонски ракометарки.

„Со големо задоволство ви го најавуваме проектот кој го смисливме со многу голема љубов и желба, проект за кој веруваме дека ќе биде нешто посебно во женскиот ракомет, клуб на кој сите ќе бидеме горди. Стекнатото искуството во европскиот женски ракомет преку најелитното натпреварување во Европа, Лигата на шампиони во годините наназад заедно со нашиот стручен тим на клубот ќе ни овозможи полесно да ги оствариме зацртаните цели со исклучиво наши македонски играчи. Целта е јасна, преку сите овозможени услови за работа да се создадат врвни ракометарки со кои достоинствено ќе ја претставуваме Македонија на Европска сцена“, вели Стојков.

Хмирова, која беше активна до скоро и како ракометарка, ќе има голем предизвик како тренер.

„Пресреќна сум што сум дел од овој прекрасен нов проект ЖРК Атлетик, клуб со позитивна и перспективна иднина и прекрасни луѓе. Мислам дека имаме одличен тренерски колектив со свежи идеи и мисли, подготвен да даде 200% од себе.Нè очекува многу работа, со нетрпение го очекувам почетокот на сезоната“, вели Хмирова.

ПОВТОРНО ЗАЕДНО ВО СКОПЈЕ: Хмирова тренер – Суслина спортски директор!

Нов клуб на македонската сцена – се роди ЖРК Атлетик!