Тимот на Спартак славеше на гостувањето кај Пелистер во Битола со 31-29 во битката за првото место во плеј-аутот од Женската лига.
Битолчанки беа во негатива од три гола, 20-17, направија комплетен пресврт и поведоа со три, 26-23. Избраничките на Борче Корлевски имаа плус еден во финишот, 29-28, но дозволија Спартак да го постигне три гола по ред и да се радува на триумф.
Предводничка на гостинките беше Зорица Андовска со 14 гола, додека кај домаќинките се истакнаа Моника Босилковска и Анастасија Дамјановска со по 11 погодоци.
Стружанка оствари триумф над Деспина со 29-25, а најзаслужна за тоа беше Маја Раткушиноска, кој постигна 12 гола во мрежата на прилепчанки. Домаќинките поведоа со 10-1 и уште тука беше практично решен победникот. Во поразената екипа, седум гола даде Евгенија Цаневска.
Ѓорче Петров 2 славеше на гостувањето кај Шампион со убедливи 39-18. Победата беше најавена уште по првиот дел кога гостинките водеа со 15-8. Најдобар стрелец во победничката екипа беше Мирјана Наумоска со девет гола, а Марија Бојковска постигна седум за Шампион.
На табелата Спартак е прв со 16 бодови, на делба на второто место се Пелистер и Деспина со по 13, додека Ѓорче Петров и Овче Поле СУ имаат по 10.