Алушовски: Охрид има шанси да се бори за титула

Екипата на Охрид пред својата публика во натпревар од 8. коло од плеј-оф фазата во Супер лигата славеше над Бутел Скопје со 33:28.

Охриѓани со денешниот триумф го презедоа третото место на табелата, сега имаат 20 бодови и заостануваат само на бод зад Вардар, кој моментално е второпласиран, додека лидер е тимот на Еурофарм Пелистер со 23 бодови.

Тренерот на Охрид, Стевче Алушовски, ја коментираше денешната победа и најави дека неговиот тим цели кон првото место.

,,После дуелот со Тиквеш, каде момците се истрошија, ова за нас беше еден тежок натпревар. Јас сум задоволен со победата, но не и со играта, им честитам на момците, сега за сега сѐ оди според планот. Гледаме напред, одиме чекор по чекор, од денешната игра не сум задоволен, но најважни се освоените три бодови. Уште еднаш им честитам на играчите, се надевам дека ќе бидеме подобри во наредните изданија. Ние не се откажуваме од титулата, ако можат да се надеваат Вардар и Еурофарм Пелистер на титула, зошто да не се надеваме и ние…Нема да бидам нескромен, мислам дека и Охрид има шанси да се бори за титула”, изјави Алушовски.

Следен предизвик за Охрид ќе биде дуелот против екипата на Струга, која во досегашниот тек од плеј-оф фазата нема совоено бод.

,,Натпреварите меѓу Струга и Охрид се секогаш дерби, квалитетот меѓу екипите не игра секогаш пресудна игра, но мислам дека сме големи фаворити, очекувам победа на тој натпревар и секако, ќе имаме недела дена одмор пред дуелот со Еурофарм Пелистер. Можам да кажам дека во историјата на македонскиот ракомет немало вакво изедначено првенство каде седум екипи, со голем респект за Струга, секој може секого да победи. Струга ја оствари својата цел со пласманот во плеј-офот, ова е едно тешко првенство, каде што секоја топка и деконцентрација може да биде пресудна. Има уште шест кола, сѐ е можно, кој е најдобар нека биде шампион”, заврши Алушовски.

 

Охрид по вторпат го доби Бутел за шести триумф во плеј-офот