Ако ги елиминира Фараните: Македонија од трет шешир во „балканската“ половина на СП?

По завршувањето на ЕП 2024, следното големо натпреварување каде што би можела да игра машката репрезентација на Македонија е Светското првенство во 2025 година што ќе се игра во Данска, Норвешка и Хрватска. Пречката до билет за СП се Фарски Острови, а двомечот е на програмата на 8/9 мај и 11/12 мај во Торшавн, односно Скопје.

Мундијалот ќе се игра од 15 јануари до 2 февруари во шест градови – Копенхаген во Данска, Осло во Норвешка, како и Загреб, Вараждин, Пореч и Сплит во Хрватска.

Во Данска ќе се играат групите А и Б од прелиминарната рунда, како и група 1 од главната рунда. Во Норвешка ќе бидат групите Ц и Д од прелиминарната рунда, група 2 од главната рунда, два натпревари од четвртфиналето, едно полуфинале, како и мечот за третото место и финалето.

Во Хрватска ќе се играат најмногу натпревари. Четирите хрватски градови ќе бидат домаќини на групите Е, Ф, Г и Х, групите 3 и 4 од главната рунда, два меча од четвртфиналето, како и второто полуфинале, плус натпреварите од Президент Купот, односно оние за пласман од 25 до 32 место.

Учесници на СП 2025 Данска, Норвешка, Хрватска/15 јануари-2 февруари

Домаќини (3): Данска, Хрватска, Норвешка
Светско првенство 2023 (1): Франција
Европско првенство 2024 (2): Шведска, Германија
Африканско првенство 2024 (5): Египет, Алжир, Капе Верде, Тунис, Гвинеја
Азиско првенство 2024 (4): Бахреин, Јапонија, Кувајт, Катар
Првенство на Јужна и Централна Америка 2024 (3): Аргентина, Бразил, Чиле
Првенство на Северна Америка и Кариби (1): ?
Океанија (0)
Вајлд карта (2): САД, ?
Европски квалификации (11)

  • Фарски Острови – Македонија
  • Финска/Литванија – Унгарија
  • Белгија/Италија – Црна Гора
  • Грција – Холандија
  • Романија – Чешка
  • Шпанија – Србија
  • Полска – Словачка/Израел
  • Грузија – Австрија
  • Словенија – Швајцарија
  • Португалија – Босна и Херцеговина
  • Исланд – Естонија/Украина

Според досегашната пракса, која Скандинавците посакаа да биде прекината по женското СП 2023 што се играше во Данска, Шведска и Норвешка, секој од домаќините „сместуваше“ по една репрезентација како домаќин на групата.

Дали и тоа ќе биде случај за машкото СП 2025 останува да видиме, но ако е така тогаш според близината со Хрватска, организаторот би можел да ја „смести“ Македонија во некоја од четирите групи што ќе се играат во Хрватска.

Ако се суди според минатото, но секако во зависност од резултатите во баражот, ќе ги преферираат Словенија, Унгарија, Македонија или Србија, кои би биле разместени во некоја од групите во Загреб, Пореч, Сплит и Вараждин.

Доколку тоа не биде случај и Хрватите не ни доделат привилегија, тогаш Македонија би била дел од ждрепката и ќе има еднакви шанси да се падне во група што би се играла во Данска, Норвешка или Хрватска.

Според ранкингот, доколку ги мине Фарски Острови, Македонија би ја чекала ждрепката за СП од третиот шешир. Досега на СП се пласирани 19 репрезентации и познато е во кој шешир ќе бидат. Допрва во мај ќе бидат познати уште 11 учесници од Европа, плус шампионот од Северна Америка и Кариби, како и носителот на вајлд-карта.

Ждрепка, СП 2025, 1 јуни

шешир 1: Данска, Шведска, Германија, Франција, Египет, Унгарија/Финска-Литванија, Словенија/Швајцарија, Португалија/Босна и Херцеговина

шешир 2: Норвешка, Хрватска, Чешка/Романија, Црна Гора/Италија-Белгија, Шпанија/Србија, Холандија/Грција, Исланд/Естонија-Украина, Австрија/Грузија

шешир 3: Катар, Бразил, Аргентина, Јапонија, Алжир, Полска/Словачка-Израел, Фарски Острови/Македонија, шампион на Северна Америка и Кариби

шешир 4: Бахреин, Тунис, Чиле, Кувајт, Капе Верде, Гвинеја, САД, вајлд карта

Ќе бидат формирани осум групи по четири селекции, а во главната рунда продолжуваат по три. Во главната рунда ќе се формираат четири групи со по шест репрезентации, а се пренесуваат бодовите од прелиминарната рунда. Потоа најдобрите две селекции од четири групи од главната рунда обезбедуваат место во четвртфиналето.