ПОЗНАТИ СОСТАВИТЕ: Еурофарм Пелистер без важен адут, Гдањск без екс вардарецот Валчак

Македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер денеска го очекува вториот натпревар од групната фаза во Лигата на Европа. Пелистерци по киксот со Ла Риоха дома, мора да се „вадат“ на незгодното гостување кај Вибжеже Гдањск, кој пак направи сензација и го победи Гумерсбах среде Германија.

Тренерот Лино Червар ќе смета на најновото засилување од Франција – Саду Н’танзи. Во комбинација за овој меч не се Миха Котар, Давид Брестовац, Диего Басанесе, Малик Татар и Ник Хенигман, кој доби црвен и син картон минатото коло.

Домаќинот Гдањск ќе го нема на располагање екс членот на Вардар, Патрик Валчак, но во составот се Томаш Гебала, голманот Матеуш Жембрицки и левото крило Миколај Чаплински кои беа меѓу најдобрите против Гумерсбах. Тука се интернационалците – Романецот Станеску на десен бек, Чехот Морковски на среден бек, пивотите од Словенија и Исланд – Нејц Змавц и Торвалдур Тордарсон.

Мечот меѓу Вибжеже Гдањск и Еурофарм Пелистер се игра денеска во „ЕРГО Арена“ со почеток од 18:45 часот.