Една од најкористените тактички варијанти во модерниот ракомет би можела да замине во историјата или сериозно да биде ограничена. Во ИХФ се води дебата за играта „7 на 6“, а првите тестирања на евентуално ново правило би можеле да започнат веќе во 2027 година.
Меѓународната ракометна федерација размислува за сериозна промена на правилата која директно би влијаела врз тактиката на екипите. Во центарот на вниманието е играта без голман и користењето седми играч во нападот, популарното „7 на 6“.
Темата била една од оние за кои се разговарало на Форумот на ИХФ во Каиро, одржан за време на Светското клупско првенство. На едно место биле собрани тренери, играчи, судии и експерти, а меѓу тренерите кои учествувале во дискусиите бил и Талант Душебаев.
Филип Бана, претседател на Француската ракометна федерација и прв потпретседател на ИХФ, потврди дека се разговара за иднината на ова правило, пишува „Handnews“.
Причината е влијанието што „7 на 6“ го има врз самата логика на играта. Една од забелешките е дека со вадењето на голманот и внесувањето дополнителен играч во поле се намалува ефектот од исклучувањето од две минути.
Екипа која останала со играч помалку може да го извади голманот и повторно да нападне со шест ракометари во поле. Дополнително, оваа тактика создава ситуации во кои противникот по освоена топка шутира кон празен гол, што според дел од експертите го менува карактерот на играта.
Сепак, одлука за укинување на „7 на 6“ сè уште нема. Следниот важен чекор се очекува во јануари, кога Советот на ИХФ треба да разговара за можноста изменетото правило да биде тестирано на младинското и кадетското СП во 2027 година.
Тоа значи дека ИХФ прво сака да ги види последиците во реални натпреварувачки услови, а дури потоа да носи конечна одлука дали „7 на 6“ ќе биде укинато, ограничено или ќе остане во сегашната форма.
Интересно е што ИХФ веќе има искуство со вакво ограничување. На Светското првенство за пионери во 2025 година беа применети адаптирани правила според кои не беше дозволено вадење на голманот за дополнителен играч во поле, а со тоа ниту напад „7 на 6“. Истиот концепт ќе се користи и на првото Светско првенство за пионерки во октомври 2026.
ИХФ веќе подолг период ја анализира оваа тактичка варијанта. По промените во правилата во 2016 година замената на голманот со играч во поле стана значително поедноставна, а „7 на 6“ постепено се претвори во важно тактичко оружје за многу тренери.
Претходните анализи на ИХФ покажаа и една интересна страна на оваа тактика – во одредени ситуации нападот може да биде поефикасен, но ризикот од лесно примен гол во празната мрежа може целосно да ја поништи користа.
Токму затоа „7 на 6“ со години ги дели тренерите и ракометната јавност. Сега дебатата влегува во нова фаза. Прашањето повеќе не е само дали е добро или лошо тактичко решение, туку дали неговото користење е во согласност со насоката во која ИХФ сака да го развива ракометот.
Одговорот би можел да го добиеме веќе во 2027 година.
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾

























