На четирите натпревари од 3. коло беа постигнати 265 гола. Мулти Есенс и Бутел останаа со максимален учинок, а најдраматично беше во Автокоманда и во Битола.
Третото коло во машката младинска лига донесе два пресврта и две убедливи победи. Илинден имаше негатива од 24-21 против „сино-белите“ од Автокоманда, но со седум последователни гола го сврте натпреварот. Вардар, пак, во Битола дозволи Еурофарм Пелистер 2 да се доближи на еден гол во последните секунди, но ја сочува победата.
„Витамините“ и Бутел по три натпревари имаат по три победи и по шест бода. Најефикасен ракометар во колото беше Стефан Ѓоргиевски од „витамините“ со десет погодоци.
Илинден со седум гола во низа ја освои Автокоманда
Домаќините и Илинден одиграа израмнето прво полувреме. Гостите имаа мала предност во поголемиот дел од него и на паузата заминаа со 16-15. Во продолжението, тимот од Автокоманда го презеде водството, а во 46. минута поведе со 24-21.
Тогаш нападот на домаќините запре. Илинден најпрво израмни на 24-24, а потоа продолжи да погодува и стигна до 28-24. „Сино-белите“ повеќе од 11 минути беа без гол, период во кој гостите направија серија од 7-0. До крајот Илинден ја задржа предноста и славеше со 29-26.
Матеј Златановски постигна седум гола за победничкиот тим, а Лука Савовски и Милан Стојевски по шест. Кај домаќините, Матеј Бојаџиски даде осум, а Михаил Арсиќ шест погодоци.
Вардар водеше со шест на паузата, Еурофарм Пелистер 2 се доближи во последните секунди
Најмногу голови во колото беа постигнати во Битола – 74. Вардар го доби првото полувреме против Еурофарм Пелистер 2 со 22-16, а во 35. минута водеше и со 25-18. Гостите ја одржуваа предноста и во вториот дел, во 50. минута имаа 37-30 и изгледаше дека мирно ќе го приведат мечот до крај. За „црвено-црните“ играа и двај младинци кои тренираат и настапуваат за првиот тим, Ѓорчески и Поповски.
Битолчани, сепак, не се откажаа. Вардар остана без гол речиси десет минути, а домаќините постепено се доближуваа. Андреј Дамчевски погоди за 36-37 на 12 секунди до крајот, но Бобан Поповски со гол во последната секунда го постави конечниот резултат, 38-36 за Вардар.
Давор Крстески постигна девет гола за гостите, Давор Мечкароски шест, а Марко Ѓорчески и Бобан Поповски по пет. За Еурофарм Пелистер 2, Стефан Лазаревски даде девет, Стефан Василевски осум, а Андреј Дамчевски седум гола.
Бутел рано се одлепи и не му даде шанса на Еурофарм Пелистер
Бутел уште во првите десет минути поведе со 9-4 против Еурофарм Пелистер. До паузата ја задржа контролата и водеше со 20-13, а на почетокот од вториот дел продолжи да ја зголемува разликата. Во 40. минута беше 27-16, а на крајот домаќините славеа со 40-24.
Христијан Ристов беше прв стрелец на Бутел со девет гола, Давид Аврамовски постигна седум, Димитар Симовски шест, а Лука Јовиќ пет. Кај Еурофарм Пелистер, Дамјан Мартиновски даде пет погодоци.
Охрид даде пет гола, „витамините“ возвратија со седум
Вториот тим од Автокоманда брзо ја презеде контролата против Охрид. Во десеттата минута водеше со 11-6, во 20. минута со 20-8, а на полувремето имаше убедливи 25-11.
Охриѓани го отворија вториот дел со пет гола во низа и намалија на 25-16. Но, веднаш следуваше уште посилен одговор на домаќините: тимот од Автокоманда постигна седум последователни гола за 32-16 и ја отстрани секоја дилема. Конечниот резултат беше 44-28.
Стефан Ѓоргиевски го предводеше домашниот тим со десет гола, Горазд Дамчевски постигна седум, а Матео Костоски шест. За Охрид, Матео Сиљаноски даде седум, додека Тане Јанчески и Илија Трајчески постигнаа по шест погодоци.
Младинска машка лига – 3. коло
Алкалоид – Илинден 26-29 (15-16)
Еурофарм Пелистер 2 – Вардар 36-38 (16-22)
Бутел – Еурофарм Пелистер 40-24 (20-13)
Мулти Есенс – Охрид 44-28 (25-11)
Табела по 3. коло: Мулти Есенс и Бутел – по 6 бода; Вардар – 4; Илинден, Еурофарм Пелистер 2, Охрид и Алкалоид – по 2; Еурофарм Пелистер – без бодови.
Најдобри стрелци вкупно по 3. коло: Михаил Арсиќ- 30 гола; Илија Трајчески – 22; Милан Стојевски и Стефан Лазаревски – по 21; Тане Јанчески и Давор Мечкароски по 20
Следно, 4. коло: Мулти Есенс – Алкалоид; Еурофарм Пелистер – Еурофарм Пелистер 2; РК Илинден – Бутел; Охрид – Вардар.
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾
























