Еурофарм Пелистер 2 им се врати на победите – Куманово падна во Битола

Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 ја запишаа втората сезонска победа во Супер машката лига, а прва на домашен терен, откако славеа против Куманово со 36-30

Клучен за новите два бода на составот на Бранко Ангеловски беше стартот на второто полувреме, кога по 16-16, домашните се одлепија на плус пет, 21-16, кои гостите не можеа да ги стигнат до крајот.

Сега Еурофарм Пелистер 2 има четири бода, додека Куманово ќе ја побара својата шанса за триумф на некој од следните натпревари.

Во првиот дел пелистерци водеа со 6-3, но по врзани интервенции на Чавејски, Куманово фати приклучок и израмни на 6-6. Потоа и домашниот голман Младенов влзе во серија, па Еурофарм Пелистер 2 одново отиде на плус три и ја одржуваше таа предност до финишот на полувремето, пред Костов и Радван да погодат два пати во последната минута за 16-15 на паузата.

Во второто полувреме, при резултат 18-16 за Еурофарм Пелистер 2, капитенот Стефан Дрогришки доби црвен картон поради старт над Радван, но тоа наместо гостите да ги „поттурне“ напред им даде крилја на домашните кои казнија неколку грешки и заминаа на плус пет, 21-16, предност што не ја испуштија до крајот.

Најдобри стрелци во победничката екипа беа Симоноски со осум гола, како и триото Лозановски, Димевски и Гутиќ со по шест реализации, додека кај Куманово стандардно најдобри беа Костов и Радван со по осум погодоци.