Кога голманот ќе одбрани речиси ист број на топки колку што неговиот тим ќе постигне голови, не постои друга можност освен победа на тој тим, па така и Ла Риоха се враќа со висок триумф од Битола против Еурофарм Пелистер, 31-24 (16-8).
Гостите водеа и со 11 гола разлика, а голманот Жоан Ледо е еден од главните јунаци на вечерта: покрај одбраните, постигна и три од „гол на гол“. Не можеа никако да го совладаат играчите на Еурофарм Пелистер, а тој бранеше како „пантер“.
Ла Риоха го отвори натпреварот со серија од 5-0. Пелистер го постигна првиот гол дури во седмата минута, а проблемите во нападот продолжија и потоа. Во 13. минута беше 2-9, додека во завршницата од полувремето гостите стигнаа до 5-14. Битолчани малку ја намалија разликата пред паузата, на која се замина со 8-16.
Особено впечатлива беше партијата на Ледо. Голманот на шпанскиот тим ги казни грешките на домашните и уште во првото полувреме трипати погоди од својот гол во празната мрежа на Пелистер. Неговите одбрани беа голема пречка за битолчани да фатат приклучок: во 48. минута Ледо имаше 18 одбрани, точно колку што Еурофарм Пелистер имаше постигнато голови во тој момент.

Ла Риоха поведе со 17-8, а Еурофарм Пелистер успеваше да одговори со по некој гол, без да ја намали значително негативата. Самоил Ристевски погоди за 16-24 во 42. минута, но потоа гостите повторно ја зголемија разликата. При 28-17, а подоцна и при 29-18, стигнаа до највисоките 11 гола предност.
Натпреварот го одбележаа и два црвени картони. Предвреме го напуштија теренот Ник Хенигман од Еурофарм Пелистер и Иван Поповиќ од Ла Риоха. Гостинскиот ракометар претходно имаше три двеминутни исклучувања. Хенигман доби директен црвен картон.
Битолчани во последните минути од проверениот тек направија серија од 4-1 и намалија на 21-29 во 53. минута, но ништо од евентулен пресврт. Немаше ниту намалување на разликата.
Голманот Ледо го заврши мечот со 21 одбрана од 45 упатени удари, а Мартинез даде 6 гола, додека по 4 гола постигнаа Да Силва Оливеира, Рамос, Д,антино и Мартинез.
Кај Еурофарм Пелистер по четири гола дадоа Ристески и Петар Атанасијевиќ, а Кајалџиески даде три гола.
❗❗ Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон… ❗❗
























