Татабања приреди изненадување во второто коло од унгарското првенство, откако на домашен терен го совлада ПИК Сегед со 32:31.
Домашниот тим одлично го отвори натпреварот и уште од почетокот наметна висок ритам. Татабања имаше контрола над резултатот, па на полувреме замина со предност од 17:13.
ПИК Сегед во вториот дел заигра многу подобро. Подобрата одбрана и поголемата борбеност му овозможија на гостинскиот тим полека да ја топи негативата.
Пет минути пред крајот, ПИК Сегед успеа да израмни на 29:29, а потоа преку Марио Шоштариќ и Петер Лукач дури и да поведе.
Сепак, Татабања не се предаде. Домашните ракометари го добија драматичниот финиш и со гол за 32:31 стигнаа до голем триумф.
За ПИК Сегед ова беше прв пораз во новата сезона, додека Татабања приреди големо изненадување против еден од фаворитите за титулата.
На натпреварот ПИК Сегед за првпат како противник се соочи со својот поранешен ракометар Ричард Бодо, а во составот на Татабања настапуваат и уште тројца поранешни играчи на унгарскиот гигант – Дмитриј Житников, Робин Молнар и Педро Родригез.

























