Ќосевски пред Струга: Подготвени и одморени сме – сакаме прва победа!

По ремито со Еурофарм Пелистер, ракометарите на Охрид ги очекува нова пресметка во Супер машката лига, а во второто коло ќе го пречекаат тимот на Струга во езерскиот двобој.

Стружани во првиот дуел загубија од Тиквеш, па двата тима ќе бидат во потрага по првиот сезонски триумф.

Охриѓани се фаворити во овој натпревар, а десното крило Ален Ќосевски ветува максимум за клубот да се израдува на првата победа.

„По тешкиот натпревар против Еурофарм Пелистер, в сабота ни следува ‘езерското’ дерби против екипата на Струга. Имавме три дена пауза, подготвени и одморени сме. Ќе го дадеме нашиот максимум за да дојдеме до првата победа во оваа сезона на домашното првенство и ги повикувам навивачите да дојдат во што поголем број и да нè поддржат в сабота“, изјави Ќосевски.

Натпреварот меѓу Охрид и Струга е закажан за 19:00 часот во СРЦ „Билјанини Извори“ в сабота.