Тимот на Бутел Скопје по ремито со Младост Богданци во првото коло во Супер машката лига, го очекува тешко гостување кај Тиквеш во Кавадарци.
Бутелци секогаш играле добро на гостувањата во „Јасмин“, а капитенот Димитар Ѓеоргиевски бил актер во повеќе вакви дерби средби меѓу двете екипи.
Тој вели дека првата средба е архивирана, а оттаму треба да се продолжат добрите моменти и да се исправат сите грешки.
„Можеби посакувавме со победа да го отвориме првенството на домашен терен, но што е тука е, го оставаме тој натпревар против Младост Богданци зад нас. Имавме и добри и лоши моменти на тој меч, а сега ќе пробаме да ги коригираме грешките за во иднина да бидеме подобри“, вели капитенот на Бутел Скопје.
Бутел Скопје сега го чека гостување во салата „Јасмин“ во Кавадарци, кај Тиквеш, кој имаше победнички старт и победи кај Струга.
„Не очекува гостување во Кавадарци, таму секогаш е тешко да се игра, мислам дека победникот ќе го одлучат нијанси, екипата која ке биде посмирена и поконцентрирана ќе освои бодови. Се надевам дека ние ќе бидеме тие што ќе славиме. Лично јас имам одиграно доста натпревари против Тиквеш, добро ги познавам сите играчи и нивниот тренер Кристијан Грчевски, со кој соработував. Кај нас имаме доста млади играчи кои се желни за игра и за докажување, ќе се обидеме ние поискусните да им помогнеме и се надевам дека в сабота од Кавадарци ќе се вратиме со бодови“, заврши Ѓеоргиевски.
Натпреварот меѓу Тиквеш и Бутел Скопје се игра в сабота од 19:00 часот во салата „Јасмин“.























