Девет од десет за мак-екипите во Регионалната лига – на повидок „македонски“ Ф4!

Четирите македонски претставници во Регионалната лига – Вардар, Еурофарм Пелистер, Охрид и тимот од Автокоманда, доминираат во новоформирањето натпреварување во кое играат екипи од Македонија, Србија и Црна Гора.

Во претсезоната, македонските претставници одиграа десет натпревари, на кои беа забележани девет победи и само еден пораз.

Во групата А, Еурофарм Пелистер досега запиша три победи над Дубочица Лесковац, Ловќен и Партизан, додека тимот на Кирил Лазаров двапати славеше против црногорскиот првак, а загуби дома од српскиот шампион.

Токму тој пораз дома од Партизан може да биде клучен во битката за Ф4, но „сино-белите“ допрва ќе гостуваат во Белград, а ќе имаат и две средби против битолчани. Пелистерци се прв фаворит за место на Ф4, а вториот патник многу веројатно ќе се бара меѓу Партизан и тимот на Лазаров.

Во групата Б, Охрид славеше три победи – против Војводина, Динамо Панчево и Будва, а допрва ќе играат дома против два од овие три ривали. Вардар досега одигра една средба, но со оглед на конкуренција не би требало да има проблеми да стигне до Ф4 заедно со Охрид.

По ваквиот расплет на настаните, и по скоро половина одиграни натпревари, станува јасно дека многу веројатно на Ф4 во оваа конкуренција напролет ќе гледаме најмалку три македонски екипи. Таму ќе се пласираат прво и второпласираните екипи од двете групи.

Капитенот на Еурофарм Пелистер, Филип Кузмановски, е лидер на листата на стрелците со 37 погодоци, пред Јуав Лумбросо со 26 и Петар Атанасијевиќ кој досега даде 21 гол.

Следен натпревар од Регионалната лига ќе игра Вардар – на 23 септември дома против црногорската Будва. На 11 октомври „сино-белите“ од Автокоманда ќе гостуваат кај Дубочица Лесковац, на 21 ноември ќе се сретнат Еурофарм Пелистер и тимот на Лазаров, додека следна обврска за Охрид ќе биде на 3 октомври на мечот со Вардар.