Вардар со двоцифрена победа го почна првенството

Очекувано, актуелниот првак Вардар со триумф ја почна одбраната на титулата откако во Скопје го победи тимот на Еурофарм Пелистер 2 со 31-19. За скопјани дебитираше и голманот Милан Бомаштар кој претходно ги пропушти турнирите во Струга и Охрид.

Новиот голман мечот го заврши со 5 одбрани за 22 минути играње во второто полувреме. Поради ограничувањата на бројот на странци, но и заради одмор на оние што треба да бидат подготвени за патувањето во Германија, на трибините во малата сала во „Јане Сандански“ останаа Кеита, Валах, Воркапиќ, Лазаревски, Педро…

Додека имаа сила младите битолчани се држеа против актуелниот шампион, но потоа „црвено-црните“ едноставно беа незапирливо, и веќе после првите 30 минути имаа двојна предност.

Еурофарм Пелистер 2 добро го отвори натпреварот и во почетните минути беше рамноправен со фаворитот. Во осмата минута резултатот беше 4-4, а гостите од Битола не му дозволуваа на Вардар резултатски да се одлепи.
„Црвено-црните“ потоа ја засилија играта во одбраната и со неколку лесни погодоци почнаа да ја градат предноста. Вардар поведе со 8-4, но пелистерци не се предадоа и во 16. минута се доближија на 9-7.

Тоа беше последниот момент во кој гостите беа во сериозна резултатска игра. Следуваше серија од 4-0 на домашниот тим, со која предноста порасна на 13-7. Во 24. минута Еурофарм Пелистер 2 намали на 14-9, но до крајот на полувремето не постигна ниту еден гол. Вардар го затвори првиот дел со нова серија од 4-0 и на паузата замина со највисоки девет гола предност, 18-9.

Само што почна второто полувреме предност веќе беше двоцифрена, до највисоките 23-10. Потоа следуваше серија од 4-0 за пелистерци кои намалија на 23-14, по што стигна и барањето за тајмаут на Иван Чупиќ. Потоа резултатот беше во тие 7-9 гола предност, а во последните минути предноста пак стигна да биде двоцифрена, и заврши 31-19.

Матео Фадуил со 6 гола беше најпрецизен кај Вардар, а по пет гола постигнаа Урош Митровиќ, Јуниор Тузолана. Кај гостите четирипати во листата на стрелците се запшиша Кристијан Симоновски.

_________________________________________________________________________________________
▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________