Амбициозниот Прилеп утре на домашен терен против Куманово ќе ја отвори новата сезона, во која прилепчани влегуваат со јасна цел – конечно да обезбедат место во плеј-офот.
Во пресрет на стартот на сезоната, тимот предводен од Наум Танески би можел да добие уште едно засилување од Црна Гора.
Според информациите на „Monte-handballia“, во Прилеп би требало да пристигне талентираниот Лав Зековиќ, ракометар од генерацијата 2009 година.
Зековиќ настапува на позицијата среден бек, а досега го носеше дресот на Партизан од Тиват. Станува збор за млад црногорски репрезентативец кој во изминатиот период беше дел од националниот тим на Црна Гора на Европското кадетско првенство во Србија, како и на Медитеранскoто првенство во Словачка.
Доколку преговорите бидат успешно финализирани, Зековиќ ќе стане третиот Црногорец во составот на Прилеп, по Владан Кастратовиќ и Денис Шабановиќ.
За прилепскиот клуб ова би било уште едно вложување во млад и перспективен ракометар, со оглед на амбициите тимот конечно да направи чекор напред и да се пласира во разигрувањето за титулата.

























