Чаир не мирува – донесе репрезентативка на Египет

Македонскиот вицепрвак Чаир го продолжува ремонтот на ростерот за претстојната сезона во која ќе влезе со уште повисоки амбиции.

Деветтото засилување за составот на Басри Љатифи е левиот бек Хабиба Галал Мохамед, египетска репрезентативка која доаѓа од турскиот тим Одунпазари.

Галал, која може да ја покрие и средната бековска позиција, пред да заигра во Турција беше дел од Замалек, а лани со Египет играше на „Трофеј Македонија“.

Чаир ќе игра на четири фронта наредната сезона. Екипата е пријавена за настап во ЕХФ Европскиот Куп, а покрај настапите во Супер женската лига и во Купот на Македонија, ќе биде дел и од регионалната лига во група со Ѓорче Петров, српските Јагодина, Бор и Наиса Ниш, како и црногорскиот Старс Лавици.

Претходно Чаир ги донесе бековите Михаела Кралева, Нора Махмуд, Роуан Ел Шарбини и Стефани Ристиќ, десното крило Росана Павлова, левото крило Стефанија Ѓорѓиевска, како и пивотите Алда Виол и Михаела Велјаноска.