Веспрем по 11 години повторно го освои Супер купот на Унгарија – славеше и еден Македонец!

Веспрем го освои Супер Kупот на Унгарија, откако во спектакуларен натпревар го совлада ПИК Сегед со 37-35 и по четврти пат во историјата го крена трофејот.

Дуелот во преполната „МЕТ Арена“ во Секешфехервар донесе вистински ракометен спектакл и одлична најава за новата сезона. Веспрем уште од самиот почеток наметна силно темпо, со цврста одбрана и брза транзиција, па во првото полувреме успеа да изгради значајна предност. Беше 11-6, па 14-9, а на паузата 20-16 за Веспрем.

ПИК Сегед не се предаде и во вториот дел неколкупати успеваше да се врати во натпреварот. Полека ја топеа негативата и на десет минути до крајот стигнаа до 31-28.

Завршницата донесе вистинска драма. Сегед притискаше, но Веспрем успеа да го издржи налетот и во последните секунди да ја потврди победата. Последниот збор го имаше Деска, кој со својот погодок стави точка на спектаклот за конечни 37-35.

Најефикасни кај Веспрем беа Деска, Хешам и Ремили со по шест гола, додека Мартиновиќ постигна пет. Кај Сегед блескаше Силаѓ со осум погодоци, а Јелиниќ додаде четири.

За Веспрем ова беше четврти Суперкуп на Унгарија, по триумфите во претходните три меѓусебни дуели со Сегед во ова натпреварување. Последниот трофеј го освоија во 2015 година, па по пауза од 11 години повторно имаат причина за големо славје.

Меѓу оние што славеа имаше и еден Македонец – физиотерапевтот Димитар Маневски, кој долго време е дел од унгарскиот гигант Веспрем.