„Охриѓанецот“ Реј командуваше со одбраната – Висла Плоцк го сруши Келце за Супер Куп трофеј!

Висла Плоцк го совлада големиот ривал Келце со 27-24 во првата сезонска „света војна“ и битката за Супер Куп трофејот.

Келце во 35. минута водеше со 16-14 и имаше можност да стигне и до плус три, но голот на Јендрашчик беше поништен поради престап и од тој момент натпреварот целосно се сврте во корист на Висла Плоцк.

Во периодот од 35. до 57. минута, Висла Плоцк направи неверојатна серија и го доби тој дел од мечот со 13-6.

Главниот човек во пресвртот беше Сергеј Косоротов. Рускиот бек во овој период постигна дури пет гола и практично го презеде натпреварот во свои раце.

Висла беше одлична и во одбраната, каде Ориол Реј, некогашниот играч на Охрид, како и Леон Шушња функционираа на високо ниво, додека и голманот Милан Вујовиќ имаше важни интервенции во моментите кога се кршеше резултатот.

Кај Келце, пак, Дејан Милосављев уште еднаш потврди дека е голман од највисока класа, но десните бекови Јусуф, Кларица и Бос не се покажаа во најдобро светло.

Следната „света војна“ меѓу двата полски гиганти е закажана за крајот на ноември во рамките на полскиот шампионат.