Талант Душебаев во март 2026 година ја презеде функцијата селектор на машката репрезентација на Франција, во потег кој предизвика големо внимание во европскиот и светскиот ракомет.
Легендарниот шпански репрезентативец, роден во Киргистан, стана вториот странски селектор во историјата на француската машка репрезентација, по Германецот Бернард Кемпа, кој ја водеше Франција во далечната 1958 година.
За Душебаев, преземањето на една од најмоќните светски ракометни селекции претставува огромна чест.
„Пред сè, горд сум што бев избран за Франција. Кога ќе ја погледнете историјата, станува јасно зошто ова е толку посебно. За мене тоа е подарок од Господ, нешто што падна од небо“, изјави Душебаев за ИХФ.
Франција во последните три децении освои шест светски титули, три олимписки злата и четири европски шампионати, па Душебаев задачата ја спореди со добивање на нешто навистина вредно.
„Исто е како да ги добиете клучевите од Ферари“, е неговата сликовита споредба за потенцијалот со кој располага францускиот ракомет.
Според него, Франција има огромен индивидуален квалитет, физичка моќ и природен талент, но потребни се поголема тактичка и техничка дисциплина за повторно да се врати на самиот светски врв.
„Ако ги споиме позитивните работи и додадеме малку повеќе техничка и тактичка дисциплина, верувам дека можеме повторно да се натпреваруваме со најдобрите и да се вратиме на највисокото ниво“, вели Душебаев.
Новата функција за него е поинаква од клупската работа. Од 2014 до 2026 година тој беше тренер на полскиот гигант Келце, со кој освои девет шампионски титули, седум купа и една титула во Лигата на шампионите.
Сега, наместо секојдневна работа со играчите, мора да ги следи француските репрезентативци ширум Европа, да анализира и да го составува најдобриот можен тим.
„Да бидеме реални, репрезентацијата функционира поинаку. Во текот на годината имате само три недели вистинска работа – една во март, една во мај и една во ноември, а потоа десет дена за подготовка за големо првенство. Тоа е целосно различно од клуб, каде што имате многу повеќе време“, објаснува искусниот стратег.
Сепак, амбициите на Душебаев се максимални. Франција сака повторно да биде на подиумот, а тој не крие дека единствена реална цел за него е златниот медал.
„Франција шестпати била светски шампион. Мора да се обидеме да се вратиме на подиумот, а колку повисоко – толку подобро. Мојата единствена реална цел е златниот медал. Минималната цел на секој турнир е полуфинале. А како што секогаш велам – сонувањето е бесплатно“, порача Душебаев.
Интересно е што неговата француска приказна за него има и емотивна димензија. Како дете ги читал делата на Александар Дима, ги гледал приказните за „Тројцата мускетари“ и „Грофот од Монте Кристо“ и сонувал еден ден да биде во Франција.
„Кој би помислил дека едно момче од моето маало ќе стигне толку далеку? Сега имам можност да бидам во оваа земја и да ја водам нејзината репрезентација. Тоа е нешто извонредно. Многу повеќе од остварување на сон“, вели Душебаев.


























