Познатиот хрватски ракометен тренер Ненад Шоштариќ е нов селектор на женската репрезентација на Косово, соопшти Ракометниот сојуз на Косово.
Една од главните цели во новиот ангажман го постави пласманот на репрезентацијата на големо меѓународно натпреварување – Европско или Светско првенство.
„Целта е со Косово да се пласираме на големо натпреварување, Европско или Светско првенство“, порача Шоштариќ.
Искусниот тренер истакна дека во ракометот „веќе нема што да докажува“, а новиот ангажман го опиша како голем предизвик во неговата кариера.
Шоштариќ веднаш започна со работа со репрезентацијата, а првиот тест ќе биде настапот на Медитеранските игри, каде Косово ќе се соочи и со Македонија.
Шоштариќ има 67 години, а во три наврати беше селектор на женската репрезентација на Хрватска. На клупата на „коцкестите“ беше од 1997 до 1998, од 2001 до 2003 и од 2017 до 2023 година.
Најголемиот успех во репрезентативната кариера го оствари на Европското првенство во 2020 година, кога ја предводеше Хрватска до бронзениот медал, што останува најголем успех во историјата на женската хрватска репрезентација.
Со Хрватска настапи и на Светското првенство во 1997 година, каде што тимот го освои шестото место, а работеше и со младинските репрезентативни селекции на земјата.
Во текот на тренерската кариера беше селектор и на машката и женската репрезентација на Јордан, додека на клупски план со загрепска Локомотива во 2017 година го освои трофејот во Челинџ Купот.
Шоштариќ работеше и во Кина, Обединетите Арапски Емирати и други земји, а последниот ангажман го имаше во машкиот тим на Загреб, учесник во Лигата на шампионите.
























