Војводина стигна до првата победа на турнирот „Крсте Андоновски“ во Охрид, откако славеше над Египет У20, а десниот бек Милан Милиќ беше еден од поискусните играчи во подмладениот состав на српскиот тим.
По тешките и исцрпувачки денови на турнирот, Милиќ е задоволен што Војводина конечно стигна до триумф, но амбициите не застануваат тука.
„Убаво е да имаш победа. Сега имаме еден ден одмор, а потоа нè очекува натпревар за пласман. И во тој натпревар одиме на победа, сакаме да го завршиме турнирот со триумф и полека да се подготвуваме за почетокот на сезоната“, вели Милиќ.
Војводина оваа сезона тргнува со значително подмладен состав, а токму поискусните ракометари имаат задача да им помогнат на младите играчи полесно да се адаптираат на сениорскиот ракомет.
„Оваа година се тргна кон тоа да се доведат талентирани млади играчи и тоа е еден убав проект. Имаме неколку поискусни ракометари кои сме им на располагање на овие момци. Тие навистина вредно и силно тренираат и ги слушаат нашите совети.“
Милиќ признава дека на почетокот се забележуваат одредени осцилации, што е нормално за млад состав, но верува дека Војводина со текот на времето ќе стане борбена и препознатлива екипа.
„Ќе има проблеми на почетокот, што се гледа и на овој турнир. Еден ден одбраната е добра, друг ден нападот, но мислам дека ќе се наместиме и ќе бидеме една многу борбена екипа. Тоа е нешто по што сакаме да бидеме препознатливи.“
Српскиот десен бек претходно играше за Нант и Загреб, и се присети на периодот кога како млад играч замина во Нант. Таму имал можност да работи со македонската легенда Кирил Лазаров, кој според Милиќ одиграл огромна улога во неговиот развој.
„Јас бев во иста ситуација како овие момци сега, кога заминав во Нант. Таму ми беше и Кирил Лазаров. Навистина сакам да го пофалам тој човек. Ми беше како родител таму. Многу ми помогна. Од него научив многу ракомет, но научив и многу за животот. Навистина сум му многу благодарен нему и на неговото семејство за сето она што сум го направил досега во ракометот.“
Војводина оваа сезона ќе се обиде да му парира на Партизан кој создаде силен тим за настапот во Лигата на шампионите, но ќе биде дел и од Регионалната лига и ЕХФ Европскиот Куп.
























